Phu Quoc е омиленото плажа место на скоро сите патувачи кои ја прават големата Виетнамска тура. Па така беше и со нас, го оставивме островот за при крај, да се одмориме од напорното патување. Островот е доста развиен и тука ќе најдете сè што ви треба: плажи, резорти, хотелчиња, ресторани, пазари и продавнички.

Како да стигнете?

Островот Phu Quoc е супер поврзан со останатиот копнен дел на Виетнам. Може да стигнете авионски, и да најдете навистина евтини летови од Сајгон (околу 30 евра во правец) или пак да фатите фери. Мал совет за ферито, има неколку во текот на денот, и претежно се до ручек.

Ние за враќање се одлучивме за споро фери што пренесува и возила, и цената беше доста симболична околу 6-7 евра. Се патуваше околу 3 часаЛетот на одење беше од Сајгон и траеше само еден час

Каде да се сместите?

Островот навистина изобилува со сместувачки капацитети, и за оние со најплиток џеб и за тие со подлабок. Ние се одлучивме за златна средина – Paradiso Phu Quoc Resort, мал резорт во близина на мирна плажа. За жал единствената пречка беше тоа што мораше да користиме превоз за да се движиме низ островот.

Што да правите?

Како што веќе кажав претходно, островов нуди навистина голем избор на активности. Преку ден посетете една од многуте плажи наоколу, ако се изморите само од плажа тогаш посетете ги водопадите Suoi Tranh

Навечер одете во главниот град Duong Dong на островот и поминете некое време на ноќниот пазар. Таму ќе уживате во сите можни виетнамски специјалитети и секаков вид на храна. Исто така може и да се пуштите во шопинг на традиционални производи. (од типот на шалвари :)) 

Доколку не сте заинтересирани за ноќниот пазар тогаш може да одите на пијачка и да го гледате зајдисонцето во Rory’s beach bar

Плажи

Со оглед на тоа што бевме на островот само 2-3 дена, не успеавме да посетиме многу плажи. Но ќе ви раскажам за тие што ги видовме. 

1.Ong Lang beach – фина песочна плажа, убава и чиста вода и без многу гужва. На самата плажа имаше и резорт и ресторанче каде што може да си земете нешто за јадење. На плажата има и лежалки од резортот кои што се изнајмуваат. Ја одбравме оваа плажа првиот ден бидејќи беше на пет минути од нашиот хотел. Најубавото зајдисонце е токму на оваа плажа

2.Bai Sao beach – дефинитивно најубавата, најпосетуваната и најфотографираната плажа на островот а богами и во Виетнам. Плажата е навистина убава, долга и покриена со бел песок. Наслушнав муабети дека песокот го увезуваат и го носат на плажата. Тука одма ќе приметите дека плажата е супер туристичка. Ресторанчиња и продавнички, многу туристи и неколку луксузни резорти. Неколкуте подискривени палми со лулашки на нив се дефинитивно заштитниот знак за оваа плажа.

Тука видовме и луѓе кои доаѓаа само да се сликаат и си одеа. Но итрите виетнамци имаа цена и за тоа, доколку не изнајмиш лежалка а сакаш само да седнеш и да се сликаш на лулашката, ќе си платиш 🙂

Плажата е навистина рајска, совршена за медитација, онака баш да се изгубиш во синилото на морето и зеленилото наоколу. Но сепак оваа плажа имаше и една црна дамка, премногу ѓубре наоколу!

3. Starfish beach – плажата која што не ги исполни нашите очекувања (од инстаграм :)) Позната по морските ѕвезди кои што се распостелени долж плажата. Сите фотки што ги имавме видено изгледаа магично, но кога стигнавме беше друга приказна. Поради плима и осека многу од ѕвездите беа исфрлени на брегот и беа мртви, а останатите беа во вода која што беше не баш најдобра за пливање. Плажата е пуста, нема апсолутно ништо, освен рибарски куќички на платформа каде што може да ги пробате најдобрите рибни специјалитети. Арно ама ние не бевме дојдени за тоа, така да за брзо ја напуштивме плажата бидејќи немаше ниту сенки за да се засолниме од топлото време.

Додека се движевме по плажата барајќи го излезот начекавме и традиционална виетнамска свадба. Супер искуство 🙂 Бонус совет за оваа плажа – патот е навистина крш.

свадбааа