Зошто Виетнам и Камбоџа ?

Сретнував секојдневно луѓе кои беа воодушевени од Азија, особено од југоисточниот дел и кои што уште утре би се вратиле да живеат таму. Азија не ми била голем предизвик, но после многу приказни, муабети, совети решив да одам и јас на едно пробно патување низ тој дел.

Најрпво истражував од кои земји да почнам. Тајланд беше елиминиран од старт со оглед на тоа што секогаш сакам да одам на места кои што сеуште не се преплавени од туристи, а ми беше филм да успеам да ги искомбинирам Мјанмар, Лаос, Камбоџа и Виетнам, но сепак на крај поради финансиски и временски причини изборот падна на Виетнам и Камбоџа.

После читање на едно 20 тина блогови за тој дел од светот заклучив дека малку е невозможно однапред да се испланира до детал патувањето па затоа од старт решивме дека многу работи ќе ги средиме на лице место. И еве откако се вратив навистина потврдувам дека е така, за некои работи е невозможно да најдеш информации на англиски на интернет и ќе мора се да средиш на лице место.

Итинерар:

Турава е за оние со малку слободни денови од работа а голема желба за посетување на многу нови места, но и за искусни и издржливи патници:) Времетрање: 17 дена

Скопје – Доха – Ханои – Пу Луонг – Ха Лонг – Нинх Бинх и Там Кок – Да Нанг – Хои Ан – Хо Ши Минх – Меконг Делта – Фу Кок – Ха Тиен – Сием Реап – Ханои – Доха – Скопје

Период на патување и клима:

Крај на Март – прва половина на Април

Во северниот дел на Виетнам времето беше пријатно и свежичко, но од Халонг па надолу веќе почнуваше да се менува климата. Особено во Халонг и Сајгон времето е неподносливо влажно, истото важи и за Сием Реап, Камбоџа. Мој совет е да си понесете неколку работи по долги ако планирате да посветите неколку дена на северниот дел од Виетнам. И обавезно пристојна облека ако ги посетувате храмовите во Сием Реап

Превоз:

Скопје – Доха – Ханои – Доха – Скопје со Qatar Airways

На промоција се наоѓа и повратна карта за околу 400тина евра, особено ако ја купите картата неколку месеци однапред. Низ Виетнам се возевме претежно со приватен трансфер, воз или авион. Странци не може да возат во Виетнам, така да ако рентате кола мора да ја рентате со шофер.

Кога имате малку денови а многу места сигурно најмногу од парите ќе ви отидат на превозни средства. А доколку имате повеќе денови на располагање топло ви го препорачувам hop on – hop off bus низ Виетнам. Понекогаш е поисплатливо да летате од еден до друг град, но внимавајте се случува често откажување и преместување на летови.

Нашето искуство со Vietnam Airlines беше супер, но доста познати и користени се low cost компаниите како VietJet Arilines и JetStar Pacific. Друга интересна работа е лудиот сообраќај низ Виетнам каде што нема никакви правила и на почеток малце ќе ви биде се чудно но брзо се навикнува. Брзината скоро сегде е ограничена на 40-50 и патиштата не се баш најдобри па затоа ни се случуваше 200-300км да ги возиме 5-6 часа, трпение спасение 🙂 Имавме и “прекрасно” 12 часовно искуство (600km) со ноќен воз, доста стар и нечист и со климата пуштена на најако.

Храна:

Ако сте љубител на азиска храна и особено сакате да ескпериментирате со вкусови тогаш дефинитивно овие земји ќе ви пружат многу интересно искуство. Одлично место за вегетаријанци и вегани. Од street food, ноќни маркети па се до интересни ресторанчиња и барчиња. Јас како љубител на чоколадо имав малку потешкотија особено во малите места каде што не се наоѓаше баш лесно, и тука луѓето конзумираат здраво благо и веднаш ќе приметите дека десертите не се претерано благи како нашите.

Пред патувањето имавме многу предупредувања да внимаваме со храната и да не експериментираме многу од улица ради хигиена и стомачни вируси, среќа немавме никаков проблем со тоа. Исто така имавме предупредувања за виетнамското кафе дека е прејако и да не го конзумираме без млеко. Цените на храна се супер и тука се потврдува фактот дека Азија е супер економична ако сакате да се убиете од јадење а да не потрошите повеќе од 4-5 долари.

Јазик:

Е тука другари беше клучниот момент зошто јас не би се вратила повторно во Виетнам. Едноставно е невозможно да се поврзеш со локалците и да дознаеш нешто ново затоа што тука англиски јазик е научна фантастика. Па дури и две организирани тури со професионални водичи ми потврдија дека е подобро да се откажам од помислата дека ќе сретнам некој што збори основен разбирлив англиски.

Виетнамците допрва ќе се развиваат и усовршуваат во областа на туризмот но ете јас ја имав таа среќа да одам сега и да го видам и доживеам буквално моментот  “шо не разбираш да не сакаш да ти нацртам?” Од мака почнавме да бараме сегде лист и пенкало и да цртаме. Кога се префрливме во Камбоџа одма осетивме разлика, луѓето таму беа многу подобри со англискиот, дали можеби дека бевме на супер туристичко место не знам, но веднаш се почуствувавме подорбо 🙂

Виза

Виетнамска мулти виза за еден месец е 50 долари. Камбоџа еден влез виза е 35 долари. За виетнамската виза треба да аплицирате месец дена пред одење да добиете гарантно писмо и за тоа се плаќа околу 20 долари. Ако однапред решите да зимате некоја организирана тура преку агенција тогаш пишете и слободно на агенцијата да ви прати покана и така ќе заштедите 20 долари.

Вакцини

Никакви. Пред да решам да тргнам на ова патување се исконсултирав со многу луѓе што веќе биле на овие места и по неколку пати и буквално никој не примил никаква вакцина иако се препорачуваат вакцини за хепатит, апчиња за маларија итн. Единствено нешто што ви препорачувам е добар спреј за инсекти и комарци, и кога одите покрај вода наутро или навечер не одете многу разголени. Доколку се одлучите да посетувате дождовни шуми и неразвиени предели во овие земји тогаш можеби е подобро да се заштитите со вакциниве

Валута

Во Виетнам носете си долари, визата на аеродром може да ја платите во долари а потоа менувате во нивни пари, 1 долар е 22 Виетнамски донг. Во Камбоџа пак немате проблем со менување на пари, таму прифаќаат долари и ви враќаат во долари, само внимавајте доларите да ви се супер нови и нималку оштетени, не примаат оштетени или подвиткани банкноти.

Луѓе и начин на живот

Ова можам да го опишам со една реченица – тотално различен свет и менталитет, ни од блиску сличен на нашиот. Еве уште седам и размислувам за тоа колку сме различни и далечни. Не негирам дека видов прекрасни места и чуда на природата но јас на ова патување не успеав да се поврзам со луѓето, не успеав да ја почуствувам енергијата што обично ја добивам за време на моите патувања. Повторно ќе кажам бев во земји кои што имаат тешко минато и тоа се чуствува и преку луѓето. Едноставно не можев да прочитам емоции преку нивните лица, како сите да се исти и живеат на истиот начин. Слатки мали марсовци 🙂

Имавме моменти кога некој ќе ни се налутеше без причина или не сакаше да го направи тоа што ќе го побараме, или можеби имаше причина но ние не ја разбиравме, сепак продолжуваа да се смешкаат и само они си знаат што се крие зад таа насмевка. Начинот на живот од тоа што го видовме им е навистина посебен. Секоја куќичка освен дом е плус уште нешто, ресторанче, продавничка, работилница. Муабетот беше кој што има дома тоа си продава, два кокоса и еден ананас и цел ден на улица. А навечер сите испоседнати по улиците, кој на земја кој на мали пластични столчиња, некако не се знаеше кога спијат кога се будат, цело време како животот по улиците да тече без престан.

За разлика од Виетнам луѓето од Камбоџа имаа поинаква енергија, а верувајте и нивната земја нема баш светло минато. Луѓето што ги сретнавме низ Камбоџа имаа посебна енергија и беа многу мили, соседни земји а навистина голема разлика помеѓу луѓето.

 

Please follow and like us:
Facebook
Facebook
Instagram
Follow by Email
LinkedIn