Заливот Халонг е дефинитивно едно од најтуристичките места во Виетнам. Местово од 1994 година е под заштита на УНЕСКО и е едно од новите 7 светски природни чуда.

Има околу 2000 варовнички островчиња. Буквалното значење на зборот Ха Лонг е “место каде што змејот слегува во морето”.

Како се создале овие островчиња?

Ќе ви раскажам една од многуте легенди за Халонг. Во минатото кога земјата била новоформирана, Виетнамците морале да се борат против жестоките напаѓачи кои доаѓале од север преку морето. Чувствувајќи жалење за земјата, богот на Рајот ја испратил Мајката змеј заедно со нејзините деца долу, за да им помогнат на виетнамски луѓе да се одбранат. Мајката Змеј и нејзините деца кога се појавиле ги застрелале непријателите со нивниот оган и џиновски смарагди.

Смарагдите од устата на змејот биле расфрлани околу бојното поле на морето и формирале непобедлив одбранбен ѕид. Благодарение на змејовите, северните освојувачи конечно биле победени и повторно се вратил мирот. По илјадници години, смарагдите што биле расфрлани по морето се претвориле во островчиња со различни големини и форми.

По битката Мајката Змеј и децата не се вратиле на небото, тие се претвориле во луѓе и останале да живеат на земјата. Тие останале помеѓу луѓето да им помагаат во секојдневните работи, за да можат да си ја вратат и да си ја прошират земјата. За да не се заборават никогаш Мајката Змеј и нејзините деца оваа легенда се раскажува и се пренесува од генерација на генерација. Оваа легенда е дел и од општото уверување на Виетнамците дека имаат потекло од Змејот.

Како да стигнете?

Заливот Халонг е оддалечен од Ханој околу 160 км и без разлика дали ќе одите со автомобил или бус потребни ви се околу 3 часа патување. Бидејќи ние се одлучивме да одиме директно од Националниот Парк Пу Луонг, нас ни беа потребни околу 7 часа патување. Во превод 7 часовно лудило на “автопат” каде што никој не престана да свирка и да вози лудо.

Претежно агенциите што продаваат тури за Халонг нудат во турата и повратен превоз од Ханој. Доколку идете  во сопствена режија тогаш може да најдете и само автобуски или приватен трансфер.

Каде да се сместите?

Нашиот избор во Халонг беше едно хостелче во самиот град (не ви го препорачувам бидејќи не беше ништо посебно), на околу 10 км од главното пристаниште од каде што тргнуваат турите.

Се одлучивме за сместување во градот бидејќи наредното утро сакавме да ја искачиме планината Bai Tho (The Poem Mountain). Таму ќе уживате во прекрасен панорамски поглед на заливот.

Еднодневна или повеќедневна тура?

Дефинитивно еднодневна. Пред се да ви кажам до старт дека турите низ Заливов им се супер екстра скапи. Нашата луксузна (помала група) еднодневна тура беше околу 47 долари, со вклучен ручек и посета на островот Ти Топ (остров кој што не е вклучен во скоро ниту една еднодневна тура).

Ти Топ остров

Сакав да го посетиме овој остров бидејќи и од таму има убав панорамски поглед на еден дел од заливот. Остатокот од турата беше крстарење низ островчињата ама ништо посебно, како цело време да се повторуваше истата глетка.

Цените на повеќедневната тура-крстарење која вклучува две или повеќе ноќевања на брод почнуваа од 150 долари па нагоре (по човек).

Што се случува на овие тури? Буквално е истата приказна, разликата е во тоа што бродовите имаат повеќе време за да се одалечат и да видите некои подалечни островчиња. Ќе имате време да возите кајак, да посетите некоја плажа, да вежбате утринско тај чи на бродот.

И во еднодневната и во повеќедневната тура е вклучена посета на неколку пештери (супер туристички). Околу островчињата може да видите и некои мали пловечки селца и пловечки пазари. Заклучок: Ако сте кратки со време, ден ипол ви е доволен за еднодневна тура и посета на планината.

Панорамски поглед од планината Bai Tho

Местово пред се е многу малце познато на туристите. Таму претежно ќе сретнете индивидуални патувачи или блогери кои што го дознале местово од инстаграм или некој сајт за патувања. Морам да признаам дека е малце комплицирано да се најде влезот, пред се бидејќи нема разбирачка со локалците.  

Ја имавме адресата но сепак не успеавме да го најдеме, затоа што куќите се напикани една до друга, и над секоја куќа има некоја табла реклама за нешто. Па така на крај решивме да ја покажеме сликата од продавничката до која беше влезот и планот ни успеа.

Подолу ќе ви ги пишам точните насоки како да стигнете до таму. Пред да почнете да се искачувате на планината има капија која може да ја отворат само луѓето што живеат во бараките пред влезот и тоа секако за некој долар-два 🙂

Планината се искачува за околу еден час, ако сте во добра форма можеби и помалку. Морам да ве предупредам дека времето е ужасно влажно и навистина искачувањето беше напорно, но сепак погледот од врвот вреди за сите пари.

Насоки – доволно е да ја најдете улицата Le Thanh Tong, влезот е во близина каде што се сечат улиците Le Thang Tong и Long Tien. Штом еднаш пристигнете таму, имајте ја во телефон следнава слика и прашајте некој од локалците каде се наоѓа продавничката (фотокопир). Кога ќе го најдете ќе забележите мали тесни скали што одат нагоре, тоа е вистинскиот пат.

Клима

Како што кажава претходно времето е супер влажно и топло, а од друга страна супер магливо и облачно. Велат дека сончевите денови во заливот Халонг може да се избројат на прсти, треба да сте навистина среќни за да го видите Халонг со сонце и убаво време. За жал и нас времето ни беше магливо и облачно но имавме среќа бидејќи не заврна.

Ако барате повеќе информации што да видите во Ханој, прочитајте го следниов пост

 

 

 

Please follow and like us:
Facebook
Facebook
Instagram
Follow by Email
LinkedIn